Monday, 22 July 2024

КУКЛА

 





Уште една успешна ноќ по градскиве улици, победувајќи различни трки и избегнувајќи ја полицијата. Доста народ имаше вечерва за малтретирање (не зборам за пешаците). Те дали околу населбата неколку круга една трка, друга пак од станицата до парламентот, долга околу 6 километри. И тоа баш во најголемата гужва се тркав. Па после тоа една драг трка... Или драгстер... Појма немам како ги викаме тука кај нас, али оние што се само во права лента трките. И на тоа лесна победа. Од црквата до крајот на булеварот, за 9.5 секунди ја завршив таа трка. На противникот му требаше сто саати за да ме стигне откако завршив. И на крајот, улиците што се поврзуваат со најголемиот кружен тек во градот, имавме дрифт турнир. Фала Богу, мојата кола ја имам претворено во тркачка машина којашто може без менување делови пред почеток на трка од каква било категорија, можам слободно да ја возам. Така беше за сите дисциплини на кои учествував вечерва, вклучувајќи и ја последнава. Се лизгав наоколу со огромна контрола без проблеми. Избегнував да не завршам на тротоарот или да дигнам некого на хауба (а сијалиците, знаците и оградите, на кого му е гајле за нив). И таман кога поминав на финишот: ОПА БАТО ПОЛИЦИЈАТА!!!

Се разбегаа другите учествувачи. Кои трчаа, кои со автомобилите. Секој своја глава да спаси. Некои имаа среќа со избегнувањето, но други не беа толку среќни. Јас не бев спремен да завршам во затвор, така да одма почнав агресивно и УШТЕ поопасно да возам. Кога се тркам, знам да бидам опасен, ама почитвуам одредени мерки. Кога е бркотница во прашање, тогаш се што е можно ми станува патека и секој објект околу мене е оруже кое може да ми помогне за забавување на полицајците. А овие типци што ни ја уништија вечерта беа дојдени, опремени и спремни. „Најновите“ и „најсовремените“ авотомобили и џипови, кои беа скапоцена донација од новата влада, беа жедни за крв, особено мојата. Јас сум, заборавив да напоменам, означен како најголем злосторник во градот поради тоа што учествувам во овие нелегални улични трки. А уште поинтересно е тоа што за кратко време станав најдобриот помеѓу најдобрите (недела дена ми требаше за да ги соборам сите), но требаше секакви работи да правам за да стигнам на врвот.

 И така полицијава, со новата опрема, новите возила и хеликоптери, почнаа потерница по мене. Од 20:45 до 21:15 ме бркаа низ град. И НЕ МОЖЕА ДА МЕ ФАТАТ!!! Море се скинав од смеење кога на тракерот што го имам во колата само слушнав дека се откажуваат од потрагата бидејќи им омштети бајаги од нивните возила и плус хеликоптерот му снемало гориво. Хаос невиден. Поголема штета направија полицајците отколку јас, а возев и по тротоари, и по зеленило, па и во дворот на владата влегов. Едно, две кругчиња извртев околу фонтаната таму, а овие летаа насекаде за да ме фатат. Бајаги оштета направи полицијава. Од нивен џеб ќе треба да дадат за да можат улиците да ги поправат.

Јас, од друга страна, не бев воопшто уморен од бркотницата, и си продолжив да барам некој за трка. Час-два барање наоколу, не најдов ништо. Мирно и спокојно си возев наоколу. Единствен момент на „трка“ што го имав ми беше со еден семафор кој сакав да го поминам пред да стане црвен. За жал, не успеав да го поминам. Застанав, и чекав да стане зелено. А во меѓувреме, една бабичка поминвуаше и ми се плазеше што не сум успеал да поминам. Се насмевнав. И си помислив дека и таа да беше на мое место истото би го направила. Па можеби и би се тркала како мене.

После некое време возење наоколу без врска, отидов кон периферијата на градот, за да вдишам малце чист воздух... До некаде е чист.

На паркингот таму, изгасив колата и излегов. Пуштив радиото на станицата за рок музика, седнав на хаубата, запалив цигарче и погледнав нагоре. Времето делуваше како да ќе врне силно, ама со себе ја имаше таа есенска карактеристика каде што дури и тоа да се случеше, некако човек немаше да се чувствува уништено ако наврнеше. Особено ова време одговара ако си во некој убав кафич или дома: пиеш кафето, убаво си облечен (или стуткан ако си дома), шиташ некоја книга или правиш муабет со некого, а надвор дождот ги соблекува дрвјата лека полека. Убава глетка е, барем за мене.

Ама да се навратиме во реалноста. Седејќи на хаубата и пишејќи си ја цигарата, почнав да размислувам за последниве неколку години. За многу кратко време, бајаги работи се случија. Една од поважните настани беше моето дипломирање од факултет. Тоа пред три години се случи. На факултет, не бев си некој добар студент, но не бев ни лош. Само што не сакав да седнам да учам. Тоа ми беше единствениот проблем. Мислев дека знам се и сешто, и дека сум подобар од професорите и дека тие не ми го ценат трудот. И така се инаетев со себе и со луѓето околу мене. Годините си минуваа, а колегите со кои започнав да студирам, скоро сите дипломираа, а дел и магистарски завршија. А јас бев ептен заостанат. Исто така и не бев во добра состојба одреден период поради мојот инает и не сакањето да се потрудам да постигнам добар резултат. А врз сето тоа: ако не го завршев факултетот на време, ќе требаше огромна сума да потрошам за да се префрлам во нова програма, а да не почнам пак од почеток. Моите исто така не беа во добра финансикса состојба да помогнат, а и бев невработен, што значи шансите да си го уништам животот беа огромни. Еден ден се одлучив дека доста е доста, и седнав да учам. Учев. Се отепав од учење... И на крајот положив еден испит. Па после дург. Па на крај последните два испита. Брате! Не можеше ништо да ме запре. Не само што учев и положував, туку и уживав во предавањата. Откако ги положив последните испити, ми беше дозволено да изберам тема за дипломска и период за да ја создадам, пратам и на крај да ја одбранам. Првите неколку недели си ги земав за одмор, но после тоа со сите сили, работев напорно за судниот ден каде најпосле ќе завршам со мојот живот со образованието (како студент).

Во кратки црти: Положив, и славев со моите неколку дена. И некои другари беа повикани за дипломирањето. А после месец дена „непостоење“, се вработив. Не е лоша работата. Позицијата си е супер, платата фантастична, а колегите си се супер. Само двајца знаат за мојата друга „работа“. А можеби и цело место знае за мене, ама ме немаат пријавено за хулигански и недоличен однос. И поради тоа, сум им благодарен. Дури и да ме пријавеа, немаше ништо да им направам. Луѓето ми се премили за да ги мразам.

Наеднаш мислите ми се пренасочиа кон нешто уште помило, но преболно за мене, откако на радиото ја пуштија музиката која припаѓа на ликот Крокет од серијана „Мајами Вајс“, а музичево е композирано од Јан Хамер.

А тие мисли беа за... Личност која без нејзе, немаше ни да бидам овде. А и мислам ме спаси од тој темен период пред неколку години низ кој јас и моите го поминавме.

Се запознавме во втора година. Т.е. за време на почеток на втора. Другар мој се познаваше со нејзините другарки. Еден ден сите петмина излеговме после часови да се прошетаме низ паркче. Петок беше, и сите деца и „опасни“ типци беа во паркот. Ние си бевме во делот на паркот каде што се ни беше достапно: дали за купување грицки, пијалоци, луксузни јадења. Со тек на време, местово ни стана регуларно. Девојчево, на прв поглед: КУКЛА. Не го користам епитетот со некоја си вулгарна намера, туку како нешто баш убаво. Права кукла. Иако бевме иста возраст (јас едино бев месец и пол помал од нив, што значи кога прв пат се запознавме, бев 15, а таа 16), беше главна на клубот за поезија. Ја биваше ептен за пишување, особено поезија.

И така во паркот праиме муабети, се смееме, се помочавме... Хахахаха! Извини, но стварно се помочавме јас и другарчево оти женскиве кажуваа некоја случка и поради тоа, ќе се помочавме пред нив.

Океј, хихи-хаха настрана, со нејзе муабетот ми траеше малце... Подолго. Се замуабетивме на почеток за книги и школо (не бев нешто популарен во средно, а мојот начин на разговарање со женски беше... Држ ме мајко се испосрав), па после зборевме и за други теми. Дознавам дека и таа сака автомобили. Поет и механичар. Претпоставувам да беше тука со мене, градот ќе и беше нејзината најдобра творба. И така накратко кажано, првата средба беше одлична. И другарките нејзини беа супер.

Деновите си поминуваа, а ние си се дружевме секојдневно, и покрај тоа што бевме од различни класови. Учевме заедно и за тестови, заедно ги поминувавме празниците.

Ама најдоброто сеќавање од тоа друштво беше кога првпат бевме сите сами на одмор. Другарка нејзина имаше викендица, мислам дека нејзиниот стрико и ја даде за нас да си го поминеме летниот распуст таму. Родителите, нормално ни беа загрижени, бидејќи... Малолетни бевме. Секакви глупости можевме да направиме. За нивна среќа, добри деца бевме.

Таму лудо си поминавме. Секој ден пред езеро се капевме, игравме одбојка и фудбал, па дали ќе седиме надвор и ќе јадеме благо дур си правиме муабети или играме карти... Убави моменти беа. Но не можеа да се споредат со мојот прв бакнеж. Не беше ниту романтичен, ниту жесток, туку беше траги-комичен. Јас и девојчево си јадеме крепе, усните покриени со Нутела. Јадеме се давиме, и наеднаш се гледаме очи во очи, и додека другите беа свртени, наеднаш му отидовме да се бакнеме. Но бидејќи двајцата истото го помисливме, се отепавме и натана тепачка. Зошто јас сум го испланирал истото што таа сакаше да го направи, па после зошто таа не застанала за ја да ја бакнам... На крајот сите јадевме во тотален молк: тројца со Нутела си ги јадеа палачинките, а другите двјаца со модрици и крв... И Нутела. Не ги изедовме сите, па си рековме зошто да не ги вратиме во фрижидерот за наредниот ден. Таа веќе беше излезена на терасата, вознемирена од „романтичниот“ настан. Си реков, ќе одам да и се извинам. Планот ми беше да се намачкам со чоколадниот крем, и да ја замолам да ми ја „исчисти“ устата. Дали заборавив да напоменам дека стварно бев глуп кога беа во прашање женски?

Кога ме виде како изгледам, и откако ја замолив за помош, 5-6 секунди бледо ме гледаше и си замина. Си помислив дека сѐ е готово во тој момент. Требаше да гледам на светлата страна, бидејќи се врати назад... СО УСТАТА НАМАЧКАНА! ПРЕМАЧКАНА!

Се гледавме како да гледаме кловнови и се бакнавме. Пристојно овој пат. Несигурноста која се создаде во мене после инцидентот, која премина во огромна победа, ме натера на глас да изговорам познатата реченица на големиот рели тркач, Колин Мекрае: „When in doubt, go Flat Out!“ ( Кога си во несигурност, стисни даска!). „Да, и искрши главата на девојка ти“ ѝ беше нејзиниот одговор. Истата ноќ ја поминавме и на балконот. Те гушкајќи се, те бакнувајќи се од време на време, те муабетејќи за стари автомобили и рели (поради тоа што го изговорив претходно). Истата вечер дознавам дека е голем љубител на моторите на Порше. Квалитет човек родиле нејзините.

А овие нашиве другари не манијачеле цела ноќ. Ни кажаа сѐ наредното утро. Ненормални! Ниту еден од нас ненаспан беше, а овие не зјапале како ненормални. Ама биле радосни дека сме се смириле ние двајца. И распустот си продолжи како по старо.

Сеќавајќи се на овие убави невини моменти, почна да врне. Убаво претпоставив дека тоа ќе се случи. Дождот не беше силен, ама не ни росеше. Нешто измеѓу дожд и роса беше. Погледнав нагоре, молејќи се да не ми се случи едно од двете можни настани: 1.) Господ агресивно да ме провери како сум и што правам. 2.) Да не ослепам ако има светкавица.

Ниту едно од тие не се случи, што е добро. Да се случеше едно од нив, немаше да седам тука дома и да раскажувам.

После тоа, погледот ми се пренасочи на вратоврска што ја носев во џебот од мојата јакна. Беше од бела свила направен и екстремно нежен. Го носам со мене каде и да е. Особено ми е мило кога го носам од страна на раката, како капитените кога ги носат своите траки за својот тим. Нејзе и припаѓаше. Нејзина беше.

Кога бевме четврта година, наеднаш ја снема. Не доаѓаше на часови. Еден ден класната ни кажа дека има рак. И поради лекувањето, нема да може да доаѓа на часови. Нејзините родители, иако бев близок со нив, не сакаа да ни кажат ништо на мене и на другарите за тоа што било и како било. Можеби сакале да бидат осамени со ќерка им дур се лекува.

Нејзината фамилија... Не знам како да ги опишам. Душа луѓе се. Родителите строги, но мирољубиви, си ги сметавме како дел од нашата банда. Брат и нејзин, кој беше три години постар од нас, често знаеше да ни упадне во муабетите и да ја дигне атмосферата до 200%.. Тој за нас беше БРАТОТ!

Ја посетувавме секој ден после часови. Дали еден по еден, дали во група, или ние плус нашите родители. Од една страна овие моменти не зближуваа ептен блиску, а од друга страна, делувавме како бубашваби: сите се собираме во едно исто место. Со секоја посета, болката во срцата ни се зголемуваше. Изгледот и се менуваше пребрзо. Ако смеам да ја опишам на поетски начин: трансформацијата наликуваше како некој убав амерички автомобил, со тек на време поради одбивност или негрижа, почнува да си ја губи бојата, тркалата или опаѓаат или се губат, а деловите да се распаѓаат. Како убав Мустанг од 65та, кој сега е само метални делови. Ракот ја јадеше премногу брзо. Ништо не помагаше. Сите губевме надеж дека ќе преживее.

Последниот пат ја видов на денот на нејзината смрт. Беше сама во собата. Сестрите ми кажаа дека секој од нас не треба многу време да помине со нејзе бидејќи е во критична состојба. Пред мене ја имаше посетено нејзиниот брат. Кога влегов во собата, едвај ме погледна. Немаше сила ни да ме поздрави. Седнав до нејзе, и ја пружив раката. Со силите кои и беа останати, ја пружи и нејзината. Не можев ништо да речам. Морничава слика: личноста која ти значи најмногу, е мигови пред нејзината смрт. Очите мои создадоа две реки. Со другата рака и го галев лицето. Спремен бев да почнам со вриштење, молејќи се да не биде одземена од нас. Да не биде одземена од мене. И покрај тоа што беше изнемпштена и без сила да постои, со последниот здив потстана и ме прегрна. Дур ме прегрнуваше, ми го рече следново:

„Немој да ми плачеш. Нема ова да биде збогум засекогаш. Повторно ќе се видиме кога ќе ни биде време. Не сакам да те гледам вака, очаен, безнадежен, натажен. Да си ми секогаш среќен и насмеан, како што беше секогаш покрај мене. Ќе бидам покрај тебе постојано, и во моменти на тешкотија, и во моменти на радост. Секогаш да ми бидеш храбар и силен. Нека не те запре мојава смрт да го живееш животот, туку да ти даде сила за понатака. И најважно од се: When in doubt, go Flat Out…

После тие зборови, тука заврши приказната нејзина. Во моја прегратка, со златна насмевка, влезе во длабок сон. Сон од кој човек нема воопшто да се разбуди.

После два дена, нејзиниот погреб се одржа. Сите што ја познаваа присуствуваа: од најблиските и најмилите, до тие што ја познаваа како ученичка на нашето школо. Нејзините беа уништени. Не знам како ги поминаа овие десет години без нивното дете, кое ептен прерано не напушти. На погребот, јас се чувствував премногу изгубен. Уште да им речев да ме закопаат со нејзе. Да не биде сама за време на долгата трка од тука до Таму Горе. Тивко и мирно, отидов кај нејзините да изразам сочуство, и на крајот кај нејзиниот отворен кофчег, за последен пат и ги погалив убавите коси, за последен пат ја бакнав. Изгледаше исто толку прекрасна како првиот пат кога се запознавме: како кукла. На заминување, татко ѝ ми пријде и ми ја даде нејзината вратоврска. Не знам зошто баш тоа мене ми го даде, но јас повторно, твко и мирно, ја прифатив и си заминав со моите.

И така јас, после поминати пола час на овие две сеќавања, и две испушени цигари, бев спремен да ги фрлам во канта. Имаше една во близина, оддалечена доволно за да ја фрлам како кошаркар, бидејќи ме мрзеше да станам од хаубата и да отидам до нејзе. Се наместив убаво, пресметав точниот агол и сила која треба да се употреби за да се фрлат, иииии... Ветрот ми ги шитна. Палавиот ветер ме зезна. Погледнав повторно нагоре. И така гледајќи, си реков во себе дека за два дена ќе бидат точно 10 години од нејзината смрт. Во допир бев со старото друштво и нејзиното семејство, и покрај нејзината смрт, сеуште воспоставував врски со нив. Ама тој натажен поглед брзо се претвори во насмевка. Можеби бидејќи таа намерно ме зезна со ветерот да ја промашам кантата за да се пошали со мене за да ме развесели. Но можеби тоа беше и нејзин потсетник дека тешките периоди се зад мене, и дека иднината, или ќе биде убава, или ќе биде лоша. Кој знае. Само знам дека имам ангел чувар кој ме гледа и ме следи, пазејќи ме од сите проблеми со кои се соочуваме. Станав од хаубата и назад во колата си влегов. Мал хаос беше внатре, па морав да расчистам листови, документи, и за малку крстот од ретровизорот ќе ми беше паднал. Добро е! Пред да запалам моторот, видов дека полицајка ме набљудувала цело време. Си реков да дигнам голема брзина штом запали автомобилот, но за чудо, го крена радиото и рече дека периферијата е чиста и дека нема никаква активност. Искажав благодарна насмевка, запалив моторот и за кратко време, без проблеми и без полиција, си стигнав дома. Нема ништо поудобно како спење после долга и напорна вечер.

 

 

 

 

Ѓорѓи „GioGio“ Илиев


No comments:

Post a Comment

PREMIER LEAGUE 2025/2026 DECEMBER REPORT

  After long and exhausting 12 months of many ups and many, many downs, we’ve reached the end of 2025 and next stop is 2026. The year hasn’t...