Friday, 2 December 2022

МЛАДОСТА Е ЧУДНА РАБОТА



Понекогаш си мислам дека животот не е многу фер. Во кревет си, удобно си спиеш, сонуваш како го даваш победничкиот гол, славиш победата со тимот, и наеднаш, АЛАРМОТ ТИ ЅВОНИ! Толку е не фер ова, не можам да опишам колку сум нервозен. Со намќорски поглед го исклучив алармот, облеков папучите и отидов да се измијам. За доручек, мама ми направи еден убав сендвич со салама, зелка и домат. И како екстра си пиев сок од портокал. Се најадов убаво и отидов да ја облечам школската униформа. И бидејќи немаме компелтен сет како на пример во Англија, да носиме посебни патики, пантолани и униформа, јас си облеков горниот дел и за малку ќе излезев од дома со долните пижами. Видов која утка ќе ја направев на огледалото и одма сменив. Пред да излезам, мама ми даде леиста за работи што требаше да ги земам за дома на враќање. Ме бакна и како ракета излетав, бидејќи и ИСТО ТАКА ДОЦНЕВ!!!

Училиштето не е многу далеку. 30 минути пешки, 15 со трчање. Патот што води до целта е опкружен од еден куп куќи и неколку згради. Со сите луѓе се знам од тука. Од другари до постари лица. Проаѓаа и автомобили, но не беше бучно за разлика од центарот. Ама важно си поминуваа. Продавниците и маркетите отворени за сите, и неколку деца се насобрале да купуваат за да јадат за време голем одмор. И јас сето ова го гледав околу мене трчајќи ко лудак да не задоцнам.

И најпосле стигнав. Не за 15, туку за 10 минути стигнав. Жив радосен бев кога ја видов главната капија. Занесен во трчањето, и немајќи брзи рефлекси, се сурдрив со девојче. Двајцата испозагинавме. Сите околу нас запреа со муабетите и свртија да видат што се случило, како се случило и зошто се случило. Малку бев потепан од судирот, но не беше нешто страшно. Се исчистив и отидов да проверам дали девојчето кое го срушив беше живо или онеспособено. И подадов рака, ама таа ми ја удри. Не ми даде ни можност да прашам дали е добро. Беше ептен вознемирена од инцидентот и не само што ми ја удри раката, туку и ми врза шамар: 
- „ ПАЗИ КАЈ ТРЧАШ БЕ КРЕТЕНУ!!! “
- „ ЈАС КРЕТЕН? ПА ТИ ШТО СТОИШ ПРЕД КАПИЈА КАКО ДА СИ КАРЛЕУША? “, и вратив.
- „ ЌЕ СИ СТОЈАМ КАЈ САКАМ БРЕ!!! КОЈ СИ ТИ ДА МИ КАЖЕШ ШТО ДА ПРАВАМ?!?!? А?!?!? “, врати назад со најужасниот глас што човек може да го замисли.
- „ Некој кој е нормален и не урла како ненормален?“ 
- „ МОРЕ ДА ТИ СЕ- “

И во тој момент дојде класниот и не раздели. И нареди сите да се пикнат во училниците (дури и тие што не беа во нашиот клас) и да не си играме многу мајтап. Сите се разбегаа од дворот и право во училниците отидоа. А мене и девојчето, класниот не фати под раце и не донесе пред нашата училна. 

Се погледнавме меѓусебе, со зачудени погледи, и си влегов. Ама сега само накратко да опишам што сѐ се случи до овој момент: 1. Станав како намќор; 2. Како ракета трчав за да не задоцнам; 3. Се судрив со девојче кое првпат го сретнувам; 4. ЗОШТО ДЕВОЈЧЕВО ВЛЕГУВА СО МЕНЕ ВО КЛАСОТ?

Не само што влезе, туку и она беше зачудена тоа како јас влегувам со нејзе. Да не мислеше е некоја принцеза и ова местово е за нејзе? Ма јок! Али тоа ти е. Влеговме заедно и нормално, или ненормално во ситуацијава, цел клас само гледаше во нас и шепотеа демек сме тајно во врска или што знам. Јас си седнав на моето место, но ова девојчево остана пред табла, како да беше спремна да држи говор. Дојде класниот и рече:
- „ Денеска имаме нов ученик. Ве молам, сите да ја поздравите Марија. Таа од денес, па се до крајот на вашето школување ќе биде со нас овде. А ТИ ЈОСИФ ДА И СЕ ИЗВИНИШ ЗА ТОА ШТО ЌЕ ЈА СРУШЕШЕ ПРЕД 5 МИНУТИ!!! “.

Искрен да бидам, беше смешно како го кажа тоа. Строг е, но знае да биде хумористичен. Се извинив и си се вратив во филмот што си го режисирав во глава. Часот почна, али мене ич не ми се слуша. Кој ќе црта бубрези, црева и се тоа? Биологијата е ептен досадна работа. Иако бев еден од најдобрите, едноставно ме мрзеше да правам цртежи за полесно да научам кое каде се наоѓа. Следев полуразбудено: дел слушав, дел си црткав. Ми се скрши моливчето и да земам острилката, кога ќе видам: МАРИЈА ДО МЕНЕ! Кога седна до мене бре оваа? Што бара БАШ до мене да седи?

Тоа е што си помислив. Навистина што се случи е ме извади од памет и јас паднав од столот. Сите се скинаа од смеење, професорот почна да ми вика зошто се глупирам, а јас имав сила само да речам „ ¿Qué? “. Се вратив полека на местото и продолживме со предавањето. 

Си помислив дека утрото беше лошо, но ова беше уште полошо. Седев со некоја која ептен не можев да ја поднесам, морав да ја слушам како „парла“ како досадна баба... УЖАС!!!

Ова траеше неколку недели, нашево ривалство. Никако неможевме да се согласиме, ниту да си простиме меѓусебе. Јас едно, таа друго. Едно речи, друго направи. Те мојот одговор точен, те нејзиниот на подруг начин. Не можевме да најдеме начин да се спријателиме. Немаше некоја конекција на почетокот. Едноставно започнавме лошо. Очекував дека ќе си простиме за инцидентот, но тешко. А не помагаше тоа што сите околу нас не гледаа како да сме во брак 30 години и се караме за глупости. Ќе бидам искрен, не беше лошо девојчево. Убава, скромна, паметна, и доста хумористична, АЛИ ЕПТЕН ДА ТИ ИСКИНЕ НЕРВИТЕ! Се обидов неколкупати муабет да направам, ама без успех. Не сакаше ниту да ме погледне кога и да сакав да и речам нешто. Само сакав да и се извинам и да си се спријателиме. Ама, тоа ти е.

Не можев да дојдам до соработка, па ни до пријателство.

Се чувствував натажен. Уништен скоро. Среќа немаше ефект ова врз моите оценки, но имаше ефект во мојата способност со луѓе.

Дните поминуваа, а јас си бев така. Безнадежен, изгубен, понижен, за некоја си која воопшто не ме ни регистрира.

Се додека не дојде тој ден, кога се се промени. Физичко имавме и пров што правевме беше 5 круга околу салата, па вежби. После тоа, ни дадоа слобода да играме што сакаме. Женските сакаа кошарка, а ние дечките фудбал. Излеговме надвор, кај игралиштата отидовме, ни ги дадоа топките, и почнавме да играме. Јас, како центар офанзивец, бев главна ѕвезда за мојата група. Шанси невидени имавме. Но и другата група не беше лоша. Не држеа под голем притисок скоро цел натпревар. Ама после ми се отвори можноста за гол. Како во сонот на самиот почеток, истото сценарио. Последна минута, јас 1 на 1 со голманот, професорот спремен да свири крај (но почека да види што ќе се случи), сите во антиципација. Дали ќе дадам гол или не?

Се разбудив во медицинската просторија на училиштето, со огромна главоболка. Изгубен во свемирот гледам околу мене што има и само ја гледам Марија. Погледот и беше мешавина од нервоза и радост. Беше исто така насолзена.

- „ Што се случи? “, ја прашав.
- „ Што се случи? За малце ќе се утепаше со Давид. Тоа се случи. “
- „ Како бре? Што зборуваш? И зошто си ти сама тука? Каде се другите? “
- „ Прво, така бре. Топката во воздух, ти и Давид скокнавте за кој прв ќе ја допре, и те нокаутираше со бокс. Оној што голманите го користат за да избацат топката од шеснаесетникот. Те оптегна и тоа убаво. Се насобраа луѓе околу тебе и почнаа да паничат, мислејќи дека си мртов. Дотрчав да проверам дали си жив или си за во Бутел, и фала Богу, не си за таму. Но си за во Бардовци. Со помош на сестрата овде те опраивме, бидејќи не беше повредата нешто сериозно. А за тоа што сум сама тука, јас ја замолив да ме остави. Другите се во училна и чекаат вести. “
- „ Ај разбирам се, освен тоа што рече дека си сакала сама да останеш. ЧЕКАЈ МАЛО... ДА НЕ СИ МИ НАПРАВИЛА НЕШТО ДУР СУМ БИЛ ВО КОМА? “
- „ Стварно си за во Бардовци ... “

Не ја заврши мислата, туку се доближи и ме бакна. Откако рече дека сум за во Бардовци.

- „ Сакав да ти се извинам за се. За тоа што бев идиот кон тебе од првиот момент кога се сре... Утепавме, па се до сега. За тоа што не те регистрирав кога сакаше муабет да правиш со мене, за кога ќе се каравме за одговорите наши, за нашите несогласувања кога требаше да работиме на проекти. За се сакам да ти се извинам. Болка во срцето имав секој ден после школо. Ме повредуваше мојата тврдоглавост. Сакав да ти бидам пријател, но идиот голем сум. Можеби ти не си за таму, туку јас.“

Јас останав без зборови. Не можев „ А “ да речам. Бев запрепастен. Цело време сакала да ми биде пријател (а можеби и повеќе од пријател), али била тврдоглава. Кој идиот! Ама товар од душата ми падна кога ги слушнав тие зборови. Малце неудобно ја фатив за раката и ѝ го погалив лицето. Некоја тензија се создаде помеѓу нас, како нешто да сакавме да го исфрлиме од нашите систем во тој даден момент. Преку гушкање? Преку бакнување? Кој знае, но беше таков моментот. Спремни бевме да си простиме.

- „ Море вие двајцата сте за во Бардовци. “, од никаде се појави Давид. Иако ќе ме утепаше, најдобар другар ми е . Кул типче е.

- „ ШТО КУР БАРАШ ОВДЕ БРЕ?!?!?!?“ - Јас и Марија истовремено привиштевме ко ненормални. Но после ни кажа дека подолго време не немало и дошол да види дали се е во ред. Му рековме дека сум океј, и дека повредата не била сериозна. Али дека јак бил боксот, тоа да. Се вративме во класот сите тројца и ме опкружија децата, прашувајќи ме дали сум добар, жив, мртов, поспан, изгубен.

Од сите овие прашања, искрено се чувствував заморено и сакав дома да си одам. Ми се спиеше од болката што ја имав. Но ако сум искрен, јас навистина се чувствувам како нов човек. Моите страдања се исплатија.

И се што требаше да да се случи е да бидам нокаутиран за да ми се опорави емотивната кондиција. Фала ти Давиде, многу кул! А со Марија? Епа... Сеуште се караме како да сме брачен пар, но нема некоја тензија меѓу нас. Сме си многу блиски пријатели. И ако ме прашаш зошто сме сакале да се бакнеме кога бев во медицинското, ни јас не знам. И она ми го рече истото. „ Така се чувствував .“ Можеби ова е тоа што тато ми рече дека ќе се случува додека сум тинејџер: чудни моменти кои ќе останат засекогаш во сеќавање. Смешни, тажни, глупи, диви... Сепак си се тинејџерски години, и вакви работи ќе се случуваат. Џабе мислев дека ќе бидам зрел. Мислам сум зрел, али исто така сум и смотан. Но можеби тоа е магијата на овие години. Зрела невиност. Пријатели, школо, родители што ги сакаш, но ти досаѓаат од време на време. Се надевам дека овој дух нема да се промени воопшто. 

Да си млад, зрел и смотан. Нема нешто пубаво од тоа...






Ѓорѓи „GioGio“ Илиев

No comments:

Post a Comment

PREMIER LEAGUE 2025/2026 DECEMBER REPORT

  After long and exhausting 12 months of many ups and many, many downs, we’ve reached the end of 2025 and next stop is 2026. The year hasn’t...